1 Timothy 6
1 Оние, кои се наоѓаат под ропско иго, господарите свои нека ги сметаат како достојни за секаква почест, за да не се хули името Божјо и учењето.
2 Оние, пак, кои имаат господари што поверувале, нека не се однесуваат кон нив незаинтересирано, затоа што се браќа; туку со поголема усрдност да служат, бидејќи тие, што ги добиваат нивните услуги, се верни и возљубени. Така поучувај и советувај!
3 Кој поучува инаку и не врви по здравите зборови на нашиот Господ Исус Христос и според учењето за благочесноста,
4 тој е помрачен од гордоста, не знае ништо и е болен од празни препирки и запрашувања, од кои произлегуваат зависта, карањето, хулењето, лошите мисли;
5 залудните препирки меѓу луѓето, што имаат изопачен ум, лишени се од вистината; тие мислат дека побожноста служи за трговија. Бегај од такви!
6 А голема печалба е, навистина, да биде човек благочестив и задоволен со себеси.
7 Бидејќи ништо не сме донеле на светов, јасно е дека не можеме и ништо да однесеме.
8 Но кога имаме храна и облекло, со тоа да бидеме задоволни.
9 А оние, што сакаат да се збогатуваат, паѓаат во искушение, во примки и во многу неразумни и штетни желби, што го потопуваат човекот во пропаст и погибел.
10 Зашто коренот на сите зла е среброљубието, на кое што некои, откако му се предадоа, се отклонија од верата и си навлекоа многу маки.
11 Но ти, човеку Божји, бегај од ова и стреми се кон праведност, побожност, вера, љубов, трпеливост и кротост!
12 Бори се во добриот подвиг на верата; држи се за вечниот живот, за кој си и повикан и си дал добра исповед пред многу сведоци.
13 Ти заповедам пред Бога, Кој сѐ оживотворува, и пред Исуса Христа, Кој ја посведочи добрата исповед пред Понтиј Пилат,
14 да ја запазиш заповедта чиста и беспрекорна дури до доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос,
15 кое што, кога ќе му дојде времето, ќе Го открие Блажениот и единствен владетел, Цар над царевите и Господар над господарите,
16 Кој е единствен бесмртен и живее во непристапна светлина, Кого никој од луѓето не Го видел, ниту може да Го види. Нему нека Му е чест и сила во сите векови. Амин!
17 Заповедај им на богатите од овој свет да не се гордеат, ниту да се надеваат на непостојаното богатство, туку на живиот Бог, Кој ни дава за наслада сѐ во изобилие;
18 нека прават добро, нека богатеат со добри дела, да бидат штедри и пристапливи,
19 и по таков начин да си собираат сокровиште – добра основа за иднината, за да постигнат живот вечен.
20 О Тимотеје, пази го она што ти е предадено, и клони се од нечисти и празни разговори и од расправии на лажната наука,
21 со која, откако некои се занимаваа, се отклонија од верата. Благодатта нека биде со тебе. Амин!